За ИФФС

Суштината на новинарската задача е солидарноста – да се застапуваат безгласните, да се информираат засегнатите, да се разоткриваат неправдите во име на општото добро.

Имајќи ги предвид промените што пандемијата ги предизвика во медиумската сфера, но и во комуникациите во целост, четвртото издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје го посветуваме на нишките што нè обединуваат, на суштината која останува непроменета.

Новинарската љубопитност е соочена со досега неискусени предизвици, па ве каниме заедно да ги разгледаме тековните, и да се обидеме поподготвени да ги пречекаме идните збиднувања во медиумската сфера.

На четвртото фестивалско издание ќе зборуваме за влијанието на пандемијата врз новинарството, медиумите и начинот на комуникација, но и за низа други трендови и предизвици во професијата. Овогодинешната фестивалска програма вклучува филмови кои ја отсликуваат сегашната состојба во светот и истрајноста на човештвото, како и дискусии со медиумски професионалци од државата и светот.

За првпат, програмата на Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје целосно ќе се одржува онлајн. Иако ќе ни недостасува физичката средба со гостите, ова е единствената разумна одлука, имајќи ја предвид моменталната ситуација во светот. Се надеваме дека барем на овој начин во програмата ќе уживаат и луѓе кои инаку не би биле во моженост да ни се придружат, и искрено се надеваме дека веќе за следното издание ќе можеме безбедно да ги пречекаме нашите гости во Скопје.

Како и секогаш, ИФФС е отворен за јавноста и сите настани се бесплатни. ИФФС е меѓународен фестивал и некои од настаните се на англиски јазик. Четвртото издание на ИФФС го организира Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, во партнерство со Фондацијата Фридрих Еберт – Скопје и со поддршка од канцеларијата на УНХЦР – Скопје.

Со почит,
тимот на ИФФС